Шести квартален извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ

политика  Tagged , 1 Comment »

Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) го изготвија Шестиот квартален извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ со наслов „За помалку помалку позитивните работи“ кој го покрива периодот април – јули 2010 година.
Следејќи ја состојбата на евроинтеграциите на Република Македонија извештајот опфаќа податоци и анализи во следниве области кои во овој период се покажаа како најважни: проблемите со политичкиот дијалог; состојбите во судството; проблемите во затворите; степенот на демократија; (не)постоењето на политичка волја за борба против корупцијата; проблемите во реформата на јавната администрација; ситуацијата во јавните претпријатија; вработувањата и др. Покрај анализите, Извештајот содржи заклучоци и препораки за чекорите што треба сите институции да ги преземат за оваа 2010 година да не биде уште една од изгубените години во процесот на евроинтеграција на Македонија.

Преземете го Шестиот извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ „За помалку помалку помалку позитивните работи“

Акција за Европа во Кавадарци – Европскиот пазар бара вино со постојан квалитет

општество, политика  Tagged No Comments »

Mакедонските производители на вино преку автохтони сорти треба да создадат квалитетно флаширано вино со географско потекло кое ќе биде препознатливо на европскиот пазар. Само така, македонското вино нема да се извезува како наливно и тоа во големи количини и со ниска цена. Ова е препораката од конференцијата „Вино – Европски искуства и македонски можности“ одржана во Кавадарци, на 16-ти јуни 2010 година, во рамките на „Акција за Европа“ а во организација на Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИИОМ), Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), Младинскиот образовен форум (МОФ) и 11-те центри за локален развој.

Во воведниот дел од конференцијата, грчкиот амбасадор во Македонија, Александра Пападопулу, и словачкиот в.д. амбасадор Роберт Кирнаг, зборуваа за приоритетите на нивните држави во надворешната политика и проширувањето на ЕУ. Пападопулу и Кирнаг испратија порака дека сакаат Македонија да биде стабилна држава интегрирана во ЕУ откако ќе го надмине спорот со името.

Зборувајќи за вината со географско потекло, Алфонсо Чакон енолог од Мендтрида Шпанија, нагласи дека за производство на квалитетно вино потребна е целосна контрола на производствениот процес. Почнувајќи од садењето и обработката на лозовите насади па се до складирањето и пакувањето на виното. Чакон потенцираше дека квалитетот мора да го надмине кванитетот, посочувајќи го примерот со неговата винарија која иако произведува мали колчини вино со висока цена, сепак, одлично е прифатена кај потрошувачите, пред се поради постојаноста на квалитетот. Според мислењето на Чакон, Македонија треба да се најде на меѓународната карта на виното преку организирање настани поврзани со виното. Јанис Бутарис, познат вино-производител од Науса, Грција се осврна на производството на квалитетни вина од традиционални сорти. Зборувајќи за македонските вина, Бутарис порача дека македонските винари мора да изградат препознатливи автохтони сорти кои треба да се наметнат со својот квалитет.

Новите трендови во македонската винска индустрија ги претстави Михаил Петков од Земјоделскиот факултет и член на Европското винско витештво. Споредувајќи ја состојбата со минатите години, Петков констатираше дека македонските винарии, особено оние помалите, се повеќе се ориентираат кон производството на квалитетни сорти вино, кои иако во мали количини успеваат како флаширано вино да го извезат во ЕУ. Петков порача дека во денешно време единствено со квалитетот може да се победат големите производители.

Преку интересна и едукативна презентација, Серкос Харутунијан од Земјоделскиот факултет во Атина го претстави проектот за управување со отпадот од винската индустрија „Дионис“. Со овој проект, не само што се заштитува животната средина, туку преку хемиски процеси од винскиот отпад се создаваат нови производи кои носат дополнителни приходи. Харутунијан нагласи дека со преработка на винскиот отпад може да се добие органско ѓубриво, суровини за козметичката индустрија, како и високонутриционистички додатоци за сточна храна.

Александар Николовски од Секретаријатот за европски прашања ги нагласи новите предизвици на македонското вино, како што се зголемувањето на флашираното производство, одредувањето на географското потекло и зајакнувањето на домашните административни капацитети. Сите овие аспекти, според Николовски ќе бидат опфатени со националната стратегија за лозарство и винарство.

Акција за Европа во Коцани – Обновливите извори на енергија – закочен потенцијал на Македонија

општество, политика  Tagged No Comments »

Македонија има огромни потенцијали за развој на обновливите извори на енергија, но законските, админстративните и техничките пречки ја кочат можноста за нивно поголемо искористување. До вакви заклучоци дојдоа учесниците на конференцијата „Енергетска ефикасност – европски искуства и македонски перспективи“, одржана на 14-ти јуни, во Кочани, во организација на Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ) и Македонскиот центар за европско образование, во рамките на програмата „Акција за Европа“.

Независниот експерт и долгогодишен претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Славе Ивановски, зборувајќи за енергетската политика на Македонија и што е она што треба да се направи, ги нагласи недостатоците на законските одредби кои се однесуваат на енергетиката и енергетската ефикасност: „Во 2006 донесовме Закон за енергетика, а амандманите кои беа вметнати во 2008 година не донесоа пред меѓународна арбитража. Се надевам дека новиот закон за енергетика што е во подготовка ќе обезбеди сигурна правна рамка. Важен е и Законот за води кој се уште не функционира, а преку него се регулира функцијата на малите хидроцентрали“.

Според него, освен законските, постојат и административни пречки за постигнување енергетска ефикасност во Македонија, односно високиот паричен надоместок потребен за трансформација на земјоделското во индустриско земјиште, како и лошите технички можности односно слабата напонска мрежа која не може да издржи повеќе производители на струја.

Претставникот на германската амбасада Соња Боне и претставникот на Мисијата на ЕУ, Даниел Александар Шрот, зборувајќи за приоритетите на ЕУ во доменот на енергетската политика “ истакнаа дека ЕУ го поддржува развојот на обновливите извори на енергија и дека Стратегијата 2020 на ЕУ предвидува обновливите извори на енергија да учествуваат со 20 отсто во вкупното производство на електрична енергија.

Габриела Костова, од Европскиот информативен и иновативен центар во Македонија (ИИЦМ), во делот посветен на европските фондови за поддршка на енергетските проекти, ги запозна гостите со можноста за финансирање на проекти од европските програми за конкуренција и иновативност и 7-мата рамковна програма. Соња Гушкова од Геотерма Кочани, пак, го претстави проектот за искористување на геотермалните води во добивањето на топлинска енергија како практичен пример за искористуваење на обновливите извори на енергија.

Aкција за Европа во Струмица – Незаинтересираноста и немањето урбанистички планови кочница за ИПАРД

општество  Tagged No Comments »

Акцијата за Европа, во организација на Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ), Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), Младинскиот образовен форум (МОФ) и 11-те центри за локален развој, на 11-ти јуни, во Стрјумица ја одржаа конференцијата посветена на европските искуства и македонските перспективи во земјоделството. Над сто претставници на бројни невладни и земјоделски организации имаа можност детално да се запознаат со процедурата за добивање средства од ИПАРД програмата, но и да ги слушнат искуствата на претставниците од земји членки на ЕУ во областа на руралниот развој и земјоделството.
Маргарита Делева, државен советник во Минстерството за замјоделство и водостопанство ги запозна гостите со процедурата за добивање финансиска подршка од министерството за земјоделство. Делева преку конкретни примери ги анализираше предностите од модернизацијата и диферзификацијата на производствените процеси.
Даниела Андонова од „Евро центар“, Свети Николе, го претстави проектот „Подобра апсорпција на еврофондовите за земјоделство“, кој се реализира од 2008 до 2010 година. Според Андонова и нејзиното искуство, главни пречки за успешни проекти кај македонските земјоделци се слабата заинтересираност за регистрација на земјоделци поединци или правни лица, како и немањето убранистички план во голем дел од руралните средини, со што се оневозможува апликацијата за субвенции.
Јан Баршвари, експерт од Словачка, ги пренесе искуствата од проектот за поддршка на подготовката на ИПАРД во неговата земја: „Многу е важно што започнавте со искористување на средствата од ИПАРД програмата пред да ги започнете преговорите. Во преговарачкиот процес, Словачка беше корисник на САПАРД програмата од која добивавме по 26,5 милиони евра годишно. Покрај тоа, користевме и средства од други програми, а денес, преку европските фондови добиваме повеќе од 250 милиони евра“. Претставувајќи ги придобивките што земјоделците ги добиле од користењето на САПАРД, Баршвари ги истакна сигурноста, но и транспарентноста во доделувањето субвенции: „Првата придобивка на земјоделците не беа парите, туку зголемување на сигурноста, како и олеснет пристап до европските фондови. Се воспоставија строги критериуми, но се зајакна контролата врз распределбата на субвенциите, односно секој земјоделец можеше да види колку пари добил за неговиот ангажман, а самото тоа го подигна и квалитетот на производство и ја зголеми конкурентноста со останатите земјоделци во ЕУ“.
Како еден рурален регион може да стане респектабилен бренд, покажа Иван Меккачион од Западен Корк, регион во Република Ирска. Западен Корк е долгогодишен корисник на програмата ЛИДЕР преку која станал препознатлив регионален бренд. Преку практични примери и живописна презентација, Меккачион го престави целокупниот тек на брендирањето на еден рурален регион: „Стратегијата за брендирање на еден регион мора да биде заснована врз природните ресурси, квалитетот на животната средина, но и на локалното знаење и вмрежувањето на невладините и земјоделските организации. Придобивките од брендирањето се доста значајни за целокупниот индустриски развој.“
Словачкиот амбасадор во Македонија, Роберт Кирнаг, осврнувајќи се на евроинтеграциите на Македонија изрази уверување дека Македонија и Западен Балкан немаат друга алтернатива освен влезот во ЕУ и НАТО. Кирнаг изрази надеж дека Македонија може да го искористи искуството на Словачка кога станува збор за евроинтеграциите: „Во 90-тите ние бевме изолирана земја со популација од четири милиони жители. Вие го имате проблемот со името ,но ние го имавме проблемот со нашите перцепции и несигурната иднина. Но за среќа направивме стратегија со која бевме подготвени на реформи и за неколку години станавме полноправни членки на ОЕЦД, ЕУ и НАТО“.

Факти и податоци за Франција

општество  Tagged No Comments »

Република Франција (République Française)

800px-Flag_of_France.svg

Главен град: Парис
Население во 2009: 64.350.759 жители
Територија: 547.030 км2
Јазик: француски (службен), баскиски, бретонски, елзашки
Членка на ЕУ од: основач
БДП по глава жител во 2007: 29.800 евра
БДП по паритет на куповна моќ во 2007: 27.600 евра
БДП пораст за 2007 во однос на 2006: 2,3%
Стапка на вработеност во 2007: 64,6%
Стапка на невработеност во 2007: 8,3%

France-Louvre

Република Франција е вториот најголем производител на сирење во светот: има по еден вид сирење за секој ден во годината. Франција, исто така, е најголемиот производител на вино во светот. Вкупното производство на вино на Франција во 1997 година изнесувало 7.400.000.000 шишиња вино, што е доволно да се наполни шише поголемо од Статуата на слободата во Њујорк.

France-Cheese

Најпопуларниот спорт во Франција е велосипедизмот. Тур де Франс е најдолгата трка во светот. За трката која се вози од 1913 година наваму на натпреварувачите им се потребни три недели да ја поминат патеката долга 3.720 километри.


WordPress Theme & Icons by N.Design Studio. WPMU Theme pack by WPMU-DEV.
Entries RSS Comments RSS најави се